Ким Џонг – Ун ги посети војниците на обука и повика на поголеми напори во подготовката за војна

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун денеска ги посети војниците кои се обучуваат за ракување со новоразвиените борбени тенкови и повика на поголеми напори во подготовката за војна, јавија денеска локалните медиуми.

Се проценува дека тенковската обука е одговор на воените вежби на САД и Јужна Кореја кои траеја 11 дена, а завршија денеска.

Пјонгјанг ги смета вежбите како проба за инвазија.

Министерството за одбрана на Северна Кореја претходно вети дека ќе спроведе „одговорни воени активности“ како одговор на вежбата меѓу Јужна Кореја и САД.

Ким го нарече новиот тенк користен на денешниот тренинг „најмоќен во светот“, пренесува КЦНА. Во извештајот понатаму се наведува дека Ким влегол во еден од новите тенкови и самиот го возел.