Ја здробил од ќотек затоа што му побарала плата: Ме одвлече во ходникот каде што нема камери и ме тепаше со тупаници и боксови (ФОТО)

Работничка на хотелот „Јабланица“ во Мостар тврди дека била претепана од сопственикот бидејќи не сакала да си оди додека не ја земе платата.

Ениса Клепо (27) ги откри деталите за случајот кој ја вознемири јавноста во Босна и Херцеговина и Балканот.

Таа тврди дека на менаџментот на компанијата му кажала дека дава отказ и дека и други колеги најавиле дека го напуштаат хотелот и работата.

– Ја соочив директорката на хотелот со аргументи и факти и таа се закани дека ќе го повика сопругот, кој е и сопственик. Кога дојде, истото и го кажав, дека нема да излезам од објектот додека не ја земам платата што ја заработив за јули, со оглед на тоа дека веќе беше почеток на август – изјави Клепо за Н1.

Клепо тврди дека тогаш почнало злоставувањето.

– Ме удри со тупаница. Потоа почна да ме турка. Неговата сопруга и готвачот побегнаа додека готвачката стоеше меѓу нас, но таа не беше повредена. Потоа ме одвлече во ходник каде што нема видео надзор. Таму бев брутално претепана. Најмногу ме удираше со тупаници по глава и ми ,,влепи” неколку шлаканици. Во исто време ме навредуваше дека сум клошарка – рекла Клепо.

Таа наведува дека успеала да си ги земе работите и да го напушти хотелот дури кога директорот престанал да ја тепа.

Веднаш ги повикала родителите кои ја однеле најпрвин во Итната помош, а потоа и во болницата во Мостар каде и’ биле констатирани тешки повреди.

Клепо има јасна порака до јавноста.

– Ги повикувам сите да дојдат и да ме поддржат на протестите на почетокот на следната недела, за што јавноста ќе биде навремено информирана – рече Клепо.

Полицијата претходно соопшти дека во вторник во 20.50 часот Д.К. од Јабланица пријавила дека во Хотел „Јабланица“ нејзината ќерка Е.К. (27) физички била нападната од А.Џ. (44) кој и’ нанел видливи повреди. Осомничениот е приведен.

– Дежурниот лекар на КБЦ Мостар ја извести ПУ Мостар дека Е.К. се здобила со тешки телесни повреди. За настанот бил известен надлежен обвинител и преземени се сите неопходни мерки – соопштија од полицијата на Херцеговско-неретванската жупанија.