Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека силите на Алијансата се подготвени да го одржат мирот на Косово и дека нема да дозволат враќање на насилството што го зафати регионот во 1990-тите години на минатиот век.
Јенс Столтенберг во интервју за германскиот весник „Велт ам Зонтаг“ ја истакна важноста на дипломатските напори за решавање на косовското прашање.
Тој ги повика Србија и Косово да се вратат на преговорите со помош на Европската унија, нагласувајќи дека тоа е единственото остварливо средство за постигнување траен мир во регионот.
„Сакам да кажам дека силите на НАТО се подготвени да го зачуваат мирот на Косово“, изјавил Јенс Столтенберг, додавајќи дека е длабоко загрижен за моменталната ситуација.
Тој ја истакна посветеноста на НАТО за одржување на мирот и безбедноста во регионот.