ЈКП „Дервен“ со апел до велешани со дебела ткаенина да ги завиткаат водомерите за да ги заштитат од измрзнување

 – Поради многу студеното време деновиве, како и најавата дека ниските температури ќе продолжат и во текот на наредните денови, ги потсетуваме граѓаните кои досега не ги заштитиле своите водомери од замрзнување тоа веднаш да го направат,со тоа што водомерната инсталација ќе ја завиткаат  со дебела ткаенина и ќе ги затворат вентилите на чешмите во дворовите, апелираат од ЈКП „Дервен“од Велес.

Тие појаснуваат дека во случај да замрзне водоводната инсталација, граѓаните треба  да внимаваат кога ги одмрзнуваат цевките со користење на грејни тела, тоа да го прават внимателно и на одредена оддалеченост од инсталацијата.

-Во ниеден случај да не користат директен пламен врз цевките или водомерот, затоа што може да предзвикаат оштетување, особено ако цевката е пластична, појаснуваат од ЈКП „Дервен“.

Тие ги информираат  граѓаните  доколку забележат дека стаклото на водомерот е пукнато или водомерната инсталација е оштетена од мразот, потребно е да се обратат на бројот  043-231 011, локал 124, или по 15:00 часот на дежурните телефони 076 308 038 и 043 231 820 и да пријават дефект на водомерите, по што екипите на ЈКП „Дервен“ ќе интервенираат.

-Граѓаните треба да бидат информирани дека ЈКП „Дервен“ има обврска да ја одржува водоводната мрежа, односно да интервенира на дефекти на водоводната мрежа до граница на имотот на граѓаните, односно до самиот објект во случај на деловни објекти. Обврската и трошоците за одржувањето и евентуалното отстранување на дефект на водоводната инсталација на корисникот е негова обврска и на негов трошок, информираат од ЈКП „Дервен“.

Воедно им укажуваат  на  граѓаните дека  не смеат самите да вршат поправки на водомерите, и дека доколку имаат расипан водомер, должни се тоа да го пријават во ЈКП „Дервен“ на телефонскиот број 043/231 011, локал 124 или кај реонскиот инкасатор, а како што велат, телефонскиот број на реонскиот инкасатор е наведен на сметките за комунални услуги.