Јоав Галант со јасна порака до Американците: “Војната против Хамас во Појасот Газа ќе трае повеќе од неколку месеци“

Војната против Хамас во Појасот Газа ќе трае „повеќе од неколку месеци“, истакна министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант, на денешната средба во Тел Авив со советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливан, кој е во посета на земјата.

Хамас е терористичка организација која се изгради во текот на една деценија за да се бори против Израел, а тие изградија инфраструктура под земја и над земја и не е лесно да се уништат. Тоа ќе бара одреден временски период – ќе трае повеќе од неколку месеци, но ние ќе победиме и ќе ги уништиме“, вели Јоав Галант, според соопштението од неговата канцеларија.

Јоав Галант и Џејк Саливан разговараа за оперативните случувања во Појасот Газа, како и за тензиите на север со Хезболах и регионалните закани предизвикани од акциите на Иран и неговата поддршка во Либан, Јемен, Ирак и Сирија.

Јоав Галант ја изрази својата благодарност за американската поддршка за Израел во војната и напорите на администрацијата на Џо Бајден да обезбеди ослободување на заложниците земени од терористите на 7. октомври.

Ви благодариме што дојдовте во Израел за време на овој период на војна – многу го цениме тоа. Ја цениме вашата лична посветеност на државата Израел – за ослободување на заложниците и за дипломатските напори што ги водите. САД и Израел споделуваат заеднички интереси, заеднички вредности и во оваа војна, ние исто така споделуваме заеднички цели. Ова е важно за државата Израел и е од суштинско значење за остатокот од регионот, за Блискиот Исток“, додаде Јоав Галант.