Јонузи за МИА: Вработени во затворот „Идризово“ завршија на Токсикологија по пожарот во женското одделение, нивната состојба стабилна
Четворица вработени во затворот „Идризово“ се пренесени на Универзитетската клиника за токсикологија како последица од пожарот што вчера избувнал во женското одделение од затворот, потврди за МИА заменик-директорот на затворот Феми Јонузи.
Јонузи за МИА вели дека според информациите што ги има, пожарот бил подметнат од затворенички кои запалиле постелнини и душеци. Здравствената состојба на четворицата вработени, како што изјави, е стабилна.
Од Министерството за внатрешни работи за МИА потврдија дека вчера имало пожар во затворот.
-На 21.05.2024 во 19:55 часот во СВР Скопје од Казнено- поправната установа Затвор Идризово било пријавено дека во затворениот дел од женското одделение настанал пожар во една од просториите. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат. Увид бил извршен, велат од МВР.