ЈП „Чистота и Зеленило“ доби согласност за вработување 76, но ќе вработи 46 лица

Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ Куманово согласно годишниот план изгласан на советот има можност за 76 вработувања, но како што изјави директорот Даниел Стојчевски ќе се вработат само 46 лица.

– Станува збор за 46 работни места кои веќе ги работеа ангажирани работници на определено време од кои преку 90 отсто се општи работници. За овие работни места ќе се распише оглас на неопределено. Тие претходно беа ангажирани преку Агенција за времени вработувања и станува збор претежно за оние општи работници, возачи, утоварачи на смет, метлачи, општи работници коишто работат во делот на зеленило и тројца се административни службеници исто така претходно ангажирани на определено време, изјави Стојчевски.

Советниците ја изгласаа и одлуката со којашто претпријатието се ослободува од угостителските објекти и базенот, што според надлежните е олеснителна околност во идното работење на комуналното претпријатие.

– Што се однесува до останатите точки, тука помина и статутот, ЈП конечно се ослободи од она што претставуваше проблем во работењето, угостителските објекти и базен, кои не се примарна дејност на претпријатието кое изнесува, транспортира и депонира смет, одржува  јавно-прометни површини, вели Стојчевски.

Претпријатието во зимскиот период ќе се ангажира и во расчистување на снег со механизацијата која ја доби од општината која пак зеде кредит за набавка на 12 работни машини од Светска банка за јавните претпријатија од градот.