Јужен Судан од утре ги затвора училиштата поради топлотен бран во следните две недели

– Владата на Јужен Судан соопшти дека од утре ќе бидат затворени сите училишта поради очекуваниот топлотен бран во следните две недели.

Министерствата за здравство и за образование преку соопштение советуваат дека родителите не треба да ги пуштаат децата надвор, бидејќи се очекува температурите да достигнат до 45 Целзиусови степени.

Тие предупредија дека ќе ја одземат лиценцата на секое училиште што нема да ја почитува одлуката, но не прецизираа до кога училиштата ќе останат затворени.

Министерствата соопштија дека ќе продолжат да ја следат состојбата и во догледно време ќе ја известат јавноста.

Питер Гаранг, жител на главниот град Џуба ја поздрави одлуката. Според него, „училиштата треба да имаат електрична енергија“ за да се овозможи поставување на клима уреди.