Јули ќе биде најтоплиот месец во историјата: “Климатските промени се застрашувачки, а ова е само почеток!“
„Овогодинешниот месец јули треба да ги надмине претходните референтни вредности кога станува збор за температурите“, изјави во четвртокот генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, откако научниците рекоа дека, според сите пресметки, јули ќе стане најтоплиот месец на глобално ниво откако постојат мерењата.
Светската метеоролошка организација на ОН (СМО) и Службата за климатски промени Copernicus на Европската унија, исто така, објавија во заедничка изјава дека е исклучително веројатно јули 2023 година да го собори температурниот рекорд.
„Не треба да чекаме до крајот на месецот за да дознаеме. Најверојатно, јули 2023 година ќе ги собори сите рекорди. Климатските промени се тука. Тоа е страшно. И ова е само почеток“, им рекол Антонио Гутереш на новинарите, додавајќи дека – „доаѓа доба на глобално вриење“.
Последиците од јулските горештини се евидентни насекаде низ светот.
Илјадници туристи избегаа од шумските пожари кои зафатија големи делови од грчкиот остров Родос, а многу луѓе загинаа од екстремните горештини на југозападот на САД, додека температурите измерени на северозападот на Кина беа дури 52,2 степени Целзиусови, со што беше соборен претходниот национален рекорд.
Иако СМО сè уште не сака официјално да објавува информации за рекордната јулска температура и ги чека конечните податоци да бидат достапни во август, анализата на германскиот универзитет во Лајпциг објавена во четвртокот покажа дека јули 2023 година ќе го собори рекордот.
Просечната глобална температура за овој месец се предвидува да биде за најмалку 0,2 степени Целзиусови повисока од јули 2019 година, што, според ЕУ, беше најтопла досега во последните 174 години следење на податоците.
Се проценува дека јули 2023 година е приближно 1,5 степени Целзиусови над прединдустрискиот просек. СМО потврди дека првите три недели од јули биле најтоплите досега забележани.
Коментирајќи ја веста, Мајкл Ман, климатолог од Универзитетот во Пенсилванија, вели дека веќе било јасно во средината на јули дека ќе биде рекорден топол месец, што е показател дека нашата планета ќе продолжи да се загрева сè додека согоруваме фосилни горива.