Џафери – Група пријателство Словенија: Понудена словенечка помош за усогласување на законодавството со ЕУ

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска во Љубљана оствари средба со претседателката Сандра Газинковски и членовите на Групата за пријателство во Државниот збор на Република Словенија, информираат од Собранието.

На средбата присуствувале и пратениците Александар Велјановски, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Словенија и членовите Бети Рабаџиевска – Наумовска и Берат Ајдари. Од словенечка страна, на средбата биле присутни пратениците Алма Интихар, Томаш Лисец и Мирослав Грегорич.

-Газинковски, која е со македонско потекло, ја потврди одличната динамика на средби меѓу двете групи за пријателство во двата парламента. Бројноста на групата од 17 пратеника од вкупно 90 во Државниот збор е силен показател за интересот на словенечките пратеници за соработка со колегите од Собранието на Република Северна Македонија. Претседателот Џафери, согласувајќи се со оваа констатација, информираше за определбата на Собранието исто така во континуитет да формира Пратеничка група за соработка со Парламентот на Република Словенија во сите изминати парламентарни мандати, како рефлексија на определбата на пратениците од различни политички провиниенции одблиску да соработуваат со своите словенечки колеги по прашања од заемен интерес, соопштуваат од Парламентот на Северна Македонија.

Од законодавниот дом известуваат дека пратеникот Велјановски искажал задоволство за блиската соработка со словенечките колеги и очекување дека словенечката помош за нашата европска интеграција ќе продолжи како и досега.

-Во однос на овој процес, тој ги изложи бројните ирационални пречки пред кои беше исправена државата за напредување на тој пат во изминатите децении и дека опозицијата нема да ги поддржи уставните измени, со оглед на фактот што нема гаранции од Европската унија дека нема веќе да има други блокади до членството во ЕУ, велат од Собранието.

Словенечките пратеници пројавиле интерес за актуелниот степен на усогласување на законодавството со ЕУ, за надлежните собраниски тела задолжени за ЕУ прашања и за областите во кои има потенцијал за унапредување на билатералната соработка.

-Беше срдечно понудена словенечката помош и искуства околу усогласување на домашното законодавство со корпусот законодавство на Европската унија, имајќи предвид дека како држава која го поминала тој пат, донесени се конкретни решенија што можат да бидат искористени и приспособени на потребите на Република Северна Македонија, истакнуваат од Парламентот.