Џафери: Заемна почит кон турската култура, идентитет и посебност

– Претседателот на Собранието Талат Џафери по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик упати честитка до припадниците на турската заедница во земјава. 

– Почитувани сограѓани, припадници на турската заедница во Република Северна Македонија, Со задоволство упатувам од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име срдечни честитки по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик, до сите наши сограѓани Турци кои живеат, творат и придонесуваат во Република Северна Македонија. Тие се додадена вредност во нашето мултиетничко општество и мултиетничка држава, напиша Џафери во честитката.

Според Џафери, со овој празник ја изразуваме нашата заемна почит кон турската култура, идентитет и посебност. 

– Убеден сум дека овој празник, со кој и институционално, меѓутоа пред сѐ, како сограѓани, ја изразуваме нашата заемна почит кон турската култура, идентитет и посебност, со посебен акцент на образованието, творењето и негувањето на турскиот јазик се најдобрата инвестиција во иднината на еден народ, а градењето на односи на искрена почит, доверба и лојалност кон државата како наш заеднички дом е инвестиција во иднината на државата. Тоа може да се постигне само со подобро запознавање на различностите кои не прават уникатни, а сепак сплотени, нагласи Џафери.