Џафери за гласање со стари документи: Граѓаните можат да добијат нови документи во рок од еден месец

Техничкиот премиер Талат Џафери денеска на прес-конференција одби да одговори конкретно дали граѓаните ќе можат да гласаат на парламентарните и претседателските избори доколку не ги обноват личните документи.

Џафери рече дека според динамиката на давање лични документи што ја добил од МВР, констатирал дека на граѓанинот му треба еден месец за да извади нова лична карта, од моментот кога ќе ја поднесе.

„Дневната статистика вели дека од 1 до 29 февруари имало вкупно 123.983 патни исправи, од кои се издадени 95.267, тоа е показател за динамиката на работа, односно над 95.000 за еден месец. Барањата за лични карти биле 82.235, а издадени 71.410.

„До изборите остануваат уште само 50 дена, со оваа динамика, 100 илјади кои немаат документи, по оваа динамика во текот на месец март на секој може да му се обезбедат соодветни документи, но граѓанинот мора да поднесе барање, доколку нема лична карта. Значи граѓанинот може да извади документ за еден месец“, рече Џафери.