Џо Бајден ќе ги посети уништените Хаваи штом ќе може: “Не сакам да им пречам“

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, изјави дека ќе отпатува на Хаваите „што е можно побрзо“, по критиките за неговиот одговор на смртоносните шумски пожари на островот во кои загинаа повеќе од 100 лица, објави во средата BBC.

Говорејќи во вторникот во Милвоки, Џо Бајден кажа дека сака да се погрижи луѓето во државата да имаат сè што им треба.

Бројот на загинати во пожарите сега е 101, додека околу 1.300 лица се водат како исчезнати.

Жителите на Хаваи се пожалија од ‘брзината’ на одговорот од страна на федералната Влада на катастрофата што се случи.

Претседателот на САД во вторникот кажа дека сè уште не ги посетил Хаваите поради загриженост дека тоа ќе ги оттргне ресурсите и вниманието од хуманитарниот одговор. Според информациите, Џил Бајден, неговата сопруга, ќе го придружува на Хаваи, најави тој.

Не сакам да им пречам. Сум бил во премногу области на катастрофа“, вели Џо Бајден и додаде: „Сакам да бидам сигурен дека нема да ги нарушиме тековните напори за закрепнување“.

Повеќе од 500 федерален персонал за итни случаи досега се испратени да помогнат во напорите за помош, вклучително и 150 специјалисти за пребарување и спасување.

Се слушаат критики дека на почетокот на пожарот не се огласиле сирените, а има поплаки дека можеби било доцна за наредена евакуација за време на смртоносниот пожар.