Анкета: Се повеќе Швеѓани поддржуваат влез во НАТО

Резултатите од најновата анкета покажуваат дека 57 проценти од Швеѓаните се „за“ членство во НАТО, 21 процент од испитаниците се изјасниле „против“ а 22 отсто одбиле да одговорат.

Во анкетата од март првпат резултатите покажаа дека 51 процент од  Швеѓаните сакаат влез во НАТО, „против“ се изјаснија 24 отсто, а 22 проценти одбиле да одговорат.

Шведска не војувала уште од времето на Наполеон и својата безбедносна политика ја градеше на „неучество во воени сојузи“.

Шведската Влада сега ја преиспитува безбедносната политика, а владејачките социјалдемократи дебатираат дали ќе се откажат од долгогодишното спротивставување на членство во Северноатлантската алијанса.

Преиспитувањето на безбедносната политика е поттикнато, исто како и во Финска, по руската инвазија врз Украина.

Анкетата ја изработи Демоскоп на барање на шведскиот весник Афтонбладет, при што се испитани 1.177 луѓе од 14 до 19 април.