Ковачевски- Садриу: Северна Македонија и Косово немаат отворени прашања, на повидок нови чекори за продлабочување на соработката

– Билатералните односи се пријателски и конструктивни, со редовен и отворен дијалог, и без отворени прашања меѓу двете земји, заеднички оценија премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, на денешната средба во Владата.

Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата било разговарано за натамошните чекори во насока на зајакнување на заемната соработка и зацврстување на пријателството меѓу граѓаните на двете земји.

Премиерот Ковачевски упати честитки за одобрената визна либерализација на Косово и посочи дека Северна Македонија ќе продолжи и понатаму активно да ги поддржува евро-атлантските аспирации на Приштина и членството на земјата во регионални и меѓународни организации.

– Со цел продлабочување на соработката, беше изразена подготвеност за организирање на втора заедничка седница на владите на двете земји, каде се очекува да се потпишат нови билатерални договори во повеќе области, се наведува во соопштението.

Ковачевски изрази задоволството од фактот што Косово е значаен трговски партнер на Северна Македонија и подготвеност за зголемување на економската соработка во двете насоки.

Осврнувајќи се на дијалогот меѓу Косово и Србија, премиерот Ковачевски потенцира дека Северна Македонија ги поддржува напорите на Европската Унија во процесот и ги охрабрува двете страни за натамошен продуктивен дијалог во насока на зголемување на довербата.

Пред средбата, премиерот Ковачевски го следеше обраќањето на косовската претседателка Османи-Садриу во Собранието. 

На средбата во состав на македонската делегација присуствуваа и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министрите за одбрана и правда Славјанка Петровска и Кренар Лога и амбасадоркста на земјава во Косово, Шпреса Јусуфи.