Мајкл Џ. Фокс ја расплака публиката: Во инвалидска количка го објави победникот на БАФТА

Легендарниот актер Мајкл Џ. Фокс доби овации од публиката, односно филмските ѕвезди, на доделувањето на Британските Оскари (БАФТА) во неделата, излегувајќи на сцената во инвалидска количка за да го прогласи победникот во категоријата најдобар филм.

62-годишниот, кој се бори со Паркинсоновата болест од 1991 година, излезе на сцената во инвалидска количка и доби исклучително топол прием од лондонската кралска фестивалска сала, која таа вечер беше исполнета со некои од најголемите актери на денешницата, меѓу кои и Маргот Роби, Бредли Купер и Бери Кеоган, пишува Daily Mail. Фокс присуствуваше на доделувањето на наградите БАФТА со неговата 35 години помлада сопруга Трејси Полан. Додека Фокс носеше целосно црн костум за оваа пригода, Полан се одлучи за бел фустан со кратки ракави со сребрени украси на градите.

Филмската ѕвезда, позната по култните филмови како „Враќање во иднината“, беше видно трогната од реакцијата на публиката во лондонската кралска фестивалска сала, па споменатата награда му ја додели на „Опенхајмер“, кој се покажа како големиот победник на вечерта, заработувајќи седум награди, вклучувајќи ја и онаа за најдобар филм, споредна машка улога за Роберт Дауни Џуниор, како и најдобар режисер за Кристофер Нолан.

Претставувајќи го канадско-американскиот актер на сцената, водителот Дејвид Тенант го опиша како „вистинска легенда на кинематографијата“. Пред публиката, која ја расплака, ги претстави кандидатите за најдобар филм, а киното го опиша како „магија“ која може да ви го „промени животот“. Понатаму, тој истакна дека филмот е важен за зближување на луѓето, „без разлика кои сме и од каде сме“.

-Има причина зошто велат дека филмовите се магија затоа што филмовите можат да ви го променат денот. Тие можат да го променат вашиот поглед на животот. Понекогаш можат да ви го променат животот – додаде тој.

Неодамна, во интервју за „Sunday Morning“ на CBS, популарниот актер се жалеше колку „навистина тешка“ стана неговата повеќе од 30-годишна битка со Паркинсоновата болест.

-Не умираш од Паркинсонова болест. Умираш со Паркинсонова болест – објасни актерот во споменатото интервју. Да потсетиме дека болеста на Фокс му била дијагностицирана на 29-годишна возраст. Оттогаш тој стана водечки застапник за истражување на состојбата, а во 2000 година ја основа „Фондацијата Мајкл Џ. Фокс“ за да помогне во едукацијата на јавноста и да финансира студии.

Пред речиси три години, Фокс изјави дека не се плаши од смртта.

-Навистина сум отворен за луѓето во врска со лековите. Кога ќе ме прашаат дали ќе се ослободам од Паркинсоновата болест во мојот живот, им велам дека имам 60 години, а науката се уште бара лек. Значи: не – изјави Фокс за списанието AARP во декември 2021 година и истакна дека „најверојатно нема да доживее 80 години“.