Од почетокот на израелските напади во Појасот Газа загинати најмалку 33.686 Палестинци

– Најмалку 52 Палестинци загинаа, а 95 се повредени во израелските напади врз Појасот Газа во последните 24 часа, соопшти денес Министерството за здравство во Газа.

„Израелската окупација (сили) изврши пет масакри врз семејства во Појасот Газа, оставајќи 52 загинати и 95 повредени во текот на изминатите 24 часа“, истакна Министерството.

„Многу тела сè уште се наоѓаат под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава.

Непочитувајќи ја привремената пресуда на Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжува со нападите врз Појасот Газа во кои од 7 октомври досега загинати се најмалку 33.686 Палестинци, главно жени и деца, а 76.309 се повредени, според податоците на палестинските здравствени власти.

Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, во кој Тел Авив вели дека загинале речиси 1.200 лица.

Израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според податоците на Обединетите нации.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.

Меѓутоа, нападите продолжуваат со несмалено темпо, а испораката на хуманитарна помош и понатаму е недоволна за решавање на хуманитарната катастрофа.