Хамас: Договор е можен ако Израел ги повлече сите окупациски сили од Газа

Членот на политичкото биро на Хамас, Осама ал Хамдан, изјави дека сè уште нема конечен договор со Израел во врска со Појасот Газа.

На прес-конференција во Бејрут, Хамдан истакна дека нема конечен договор со Израел за прекин на огнот и размена на заробеници.

Тој додаде дека добиле некои понуди и предлози, дека работат на тоа и дека ќе носат одлуки имајќи ги предвид интересите на народот на Палестина.

Истакна дека на средбата во Париз Хамас добил нацрт на општата рамка за евентуален договор.

„Фокусирани сме на договор заснован на тоа Израел да ги запре сите напади врз Појасот Газа и да ги повлече сите окупациски сили од Појасот Газа“, рече Хамдан.

Нагласи дека првенствено се фокусирани на нацрт-договорот.

„Ова вклучува укинување на 17-годишната блокада за нашиот народ во Газа, обнова и сериозен договор за размена на заробеници“, рече Хамдан.

Израел на 7 октомври започна смртоносна офанзива на Појасот Газа, во којашто досега загинаа 27.238 Палестинци, а 66.452 се повредени. Офанзивата уследи по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во кој загинаа околу 1.200 Израелци.

Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.