Авионот на Путин придружуван од четири воени авиони Су-35 на пат кон ОАЕ

Авионот на рускиот претседател Владимир Путин беше придружуван од четири борбени авиони Су-35 опремени со проектили за време на неговото патување во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесува Анадолу.

Според видеото објавено од руското Министерство за одбрана, борбените авиони полетале за да го придружуваат претседателскиот авион од типот ИЛ-96 во кој се наоѓал претседателот Путин.

Воените авиони од типот Су-35С, позиционирани во групи по два од двете страни на авионот на Путин, беа забележани како носат ракети Р-73 и Р-77 способни да погодат цели од воздух на воздух.

Руските воени авиони продолжија да го придружуваат Путин на патувањето сѐ додека тој не слета во главниот град на ОАЕ, Абу Даби.

Во соопштението на руското Министерство се вели дека Су-35С, опремени со стандардно авијациско оружје од различни класи, обезбедувале воздушна поддршка на претседателскиот авион во текот на целиот меѓународен лет.

Според соопштението, авионите полетале од аеродромот во тешки временски услови, со силен дожд и силен ветер, а со борбените авиони управувале пилоти од прва класа.