Адвокатите на Р. Кели бараат ново судење

Адвокатите на пејачот Р. Кели поднесоа предлог до Судот за повторно судење. Тие, имено, обвинија дека ар-ен-би ѕвездата е жртва на лажно сведочење во судењето во Чикаго, САД, лани.

Во предлогот поднесен во саботата е побарано од американскиот окружен судија Хери Лајненвебер да ја отфрли пресудата на Р. Кели по сите точки поврзани со „Џејн“, т.е. неговата поранешна кумашинка која сведочеше дека пејачот повеќепати сексуално ја злоставувал и снимал кога таа била тинејџерка. Адвокатката на осудениот, Џенифер Бонжан во поднесокот од осум страници тврди дека „Џејн“ лажно негирала под заклетва, дека донела одлука оти ќе бара отштета од него. Обвинителите, исто така се наведува, ја довеле поротата во заблуда со тоа што не го поправиле сведочењето на „Џејн“.

„За волја на вистината, ‘Џејн’ веќе беше најмила адвокат од Бостон и тим експерти за да му ги посочат можностите за отштета на Лајненвебер, барајќи неверојатни 13 милиони долари. Таа добро знаела дека бара отштета со извонредна сума доколку (Р. Кели) биде осуден. И (судските) власти го знаеја тоа“, наведува Бонжан во документот.

Како и другите предлози по судењето поднесени од правниот тим на Кели, велат познавачите, речиси сигурно е дека судијата Лејненвебер ќе го отфрли и овој обид против пресудата. Но, предлогот ги зачувува аргументите кои најверојатно ќе бидат искористени подоцна во жалба до Окружниот апелационен суд на САД.

Р. Кели (56) беше осуден од страна на поротата во септември и по обвиненија за детска порнографија, покрај тие за сексуална злоупотреба на „Џејн“ и други девојки. Лајненвебер ја донесе пресудата за 23 февруари, по којашто осуденикот се соочи со казна од 10 до 90 години затвор.

Р. Кели беше осуден и во Њујорк, на 30 години откако поротата го прогласи виновен по обвиненијата дека го иcкоритил тоа што е познат, заради криминални потфати коишто имале за цел задоволување на неговите напаснички сексуални намери, пренесе ДПА.

Минатата недела, обвинителот на Округот Кук, Ким Фокс објави отфрлање на четири одделни обвиненија за Округот против Кели, делумно заради зачувување ресурси, со оглед на неговите две федерални пресуди.