Албанската полиција спречи влез на нелегално оружје и канабис во Македонија

Албанската полиција во две одделни акции во Елбасан и во Прењас спречи обид за влез на нелегално оружје и муниција во Македонија, како и нелегална трговија со канабис кој бил наменет за македонскиот нарко пазар.

Имено, во акцијата наречена „Entrance” албанската полиција во Елбасан уапси две лица во обид да прошверцуваат еден калашников и 114 куршуми во Македонија.

Во видеото од апсењето кое го објави албанската крим полиција може да се види како двете лица на возраст од 21 и 22 години, се опколени од оперативни сили.

-Со калашникови и пиштоли во рацете, оперативните сили го опколија белиот автомобил „ауди“ што го управуваа младите и овозможија нивно апсење. Во нивниот автомобил биле пронајдени 1 огнено оружје калашников и 114 парчиња муниција за кои се сомневале дека ќе бидат пренесени во Македонија. Возачот Сали Мечи (21) и сопатникот Амарилдо Муха (22) двајцата жители на Дивјака завршија со лисици на рацете, пишуваат албанските медиуми за спектакуларната полициска акција.

Процедурните материјали се предадени на Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност Елбасан за понатамошни дејствија.

-Во рамки на акцијата против нелегалната трговија со дрога во с.Рајца, Прењас, полициските служби лоцирале и запреле за контрола возило од марка „тојота“, управувано од албанскиот државјанин Е.А., 28 години. Во ова возило биле пронајдени 2 вреќи со околу 27,3 килограми наркотик канабис сатива, количина за која се сомничи дека ја шверцувал државјанинот Е.А., кон Република Северна Македонија. По завршување на процесните дејствија, 28-годишниот маж е приведен на дело, а количината на наркотици е одземена, соопшти албанската полиција.

Во Албанија во тек се повеќе мегаоперации на полицијата поврзани со нелегална трговија со дрога, оружје и борба со организираниот криминал и корупцијата, со кодни имиња „Темпули 2“ и „Владеење на правото“.