Алиу: Се залагам лицата со попреченост да бидат вклучени во сите законодавни процеси

– Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, на денешната средба со претставниците на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, посочи дека се залага лицата со попреченост да бидат вклучени во сите законодавни процеси.

– Системски се трудиме и работиме на воспоставување на професионална рамка која користи знаковен јазик и има лиценца да толкува знаци во сите сфери на општеството, истакна Алиу и најави дека во неговите јавни настапи од информативен карактер ќе има преведувач во реално време со знаковен јазик.

Алиу посочи дека гради европски модел на комуникација со што се залага лицата со попреченост да бидат вклучени во сите законодавни процеси, како и да се подигне свеста за нивните права и потреби.

Тој нагласи и дека веб-страницата на MИОА е преведена и на знаковен јазик, додавајќи дека правото на сечиј пристап до информации и услуги го смета за многу важно.