Али Ахмети или Абаз Џука се плаши да не заврши како Хашим Тачи – Албин Курти сака да го пензионира последниот командант на УЧК, “страв од летање” во Мала Речица!?

Појавувањето на косовскиот премиер, Албин Курти во политичките разврски во Македонија дефинитивно го вознемири, го направи политички нервозен, па дури и го исфрли од политичка рамнотежа лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Под покровителство на Курти беше формирана албанската политичка опозиција со Арбен Таравари како претседателски кандидат на таа групација. За разлика од Албанија, каде што сличната политичка операција на Курти заврши со политичко фијаско, во Македонија тоа косовско влијание врз политичките разврски е многу поголемо, да не речеме и пресудно. Се покажа дека улогата на Курти во правењето на здружената албанска опозиција е многу поефикасна од улогата на меѓунардоната заедница во правењето на владиниот предизборен европски фронт ( со АА со Арбен Таравари ), но и покажува дека албанскиот премиер, Еди Рама е многу поголем политички играч и од Али Ахмети и од Димитар Ковачевски.

Која е замислата на Курти? Да го испрати Али Ахмети во политичка пензија. Од извори блиски на Курти може да се слушне дека Ахмети е последниот командант на УЧК кој Курти сака или да го пензионира или да го испрати на топол оброк во Хаг. Разврските со Хашим Тачи, Кадри Весели или со Рамуш Харадинај тоа го потврдуваат. Очигледно Курти проценува дека негативната улога на командантите на УЧК по завршувањето на воените конфликти е поголема од нивните војнички заслуги. И тоа е разбирливо бидејќи Курти ја следи линијата на косовскиот Мендела, Адем Демачи. Впрочем, замешателството на Курти во македонските политички процеси започнува токму со именувањето улицата на Демачи во една скопска општина која предизвика бура, да не речеме политичка хистерија во ДУИ, но и драматично политичко неснаоѓање на Димитар Ковачевски и СДСМ во таа ситуација, а тоа подоцна продолжи со сериозни политички промашувања и на Ковачевски и на СДСМ во односите со ДУИ и Али Ахмети.

Тоа во ДУИ предизвика нервоза која излезе од контрола и истата се обидоа да ја решат како слон во продавница за порцелан. Првиот обид беше да го промовираат Али Ахмети како Псо Јо Албанец за премиер. И тој таа понуда ја одбил, со зборовите, како што кажа Артан Груби во едно телевизиско интервју, дека е тој политички мисионер а не функционер. И вториот обид беше Ахмети да биде претседателски кандидат на ДУИ. И добро е што тоа не се случи бидејќи тоа беше посакуваната разврска и на Курти и на здружената албанска опозиција и на ВМРО ДПМНЕ. Тогаш Ахмети за Претседател ќе ја поколопеше целата кампања и за претседателските и за парламантарните избори. И истите ќе беа сведени на пораката да го испратиме Ахмети во политичка пензија. Во таа операција зад завесата ќе им се придружеа и делови на СДСМ и моќната македонска олигархија.

Сума сумарум, Ахмети се плаши од Албин Курти и неговиот играч на теренот а тоа е здружената албанска опозиција и од американските црни листи а тоа е, да речеме персонализирано, од сегашното раководство или делови на раководството на СДСМ. За тоа да не се случи Ахмети треба да НЕ направи предизборна коалиција со СДСМ. ДУИ не прифати да оди со заеднички кандидат на претседателските избори, како што тоа беше случај на изборите 2019 година. И сега виси и заедничката предизборна коалиција на ДУИ и СДСМ, а се треба да биде познато во понеделник. ДУИ и Ахмети очигледно проценуваат дека поразено СДСМ ќе значи смена на Ковачевски во СДСМ, влегување во внатрепартиски битки во СДСМ и враќање на струјата на Заев на голема врата, што повеќе нема да го прави СДСМ да биде партија која има влијание во правењето на американските црни листи.

И второ, додека сите бројат кој ќе освои 61 пратеник за формирање влада, ДУИ и Ахмети бројат и кои ќе има 61 пратеник и кој ќе обезбеди двотретинско мнозинство за уставните реформи. А тоа без гласовите на ДУИ нема да биде можно. Затоа Ахмети и ДУИ сакаат или ќе влезат во една опасна политичка операција да одат сами на избори и значајно да ја поразат здружената албанска опозиција. Тоа може да резултира или со реприза на изборите од 1994 година или со реприза на изборите од 1999 година.

Што ќе рече на ДУИ им треба и политичка победа, но богами и политичка криза бидејќи само на тој начин тие ќе бидат неопходни. Во секоја друга ситуација тие кај Македонците се во истата улога во која 2016 година Никола Груевски беше кај Албанците. А тоа значи демонтажа на власта на последниот командант на УЧК, Али Ахмети алијас Абаз Џука!?