Американската кошаркарка Бритни Грајнер пишува книга за своето затворање во Русија

 – Ѕвездата на американската женска кошаркарска лига – ВНБА, Бритни Грајнер пишува книга за времето минато в затвор во Русија. Според најавите, американската кошаркарка ќе ја издаде својата книга пролетта 2024 година. Во неа ќе биде опишан нејзиното 10-месечно затворање, по апсењето за поседување дрога, објави издавачот Алфред А. Ноф денеска.

– Читателите ќе чујат за мојата приказна и ќе разберат зошто сум толку благодарна за целата поддршка од луѓето ширум светот. Со пишувањето на оваа книга, се надевам дека ќе ја подигнам свеста на другите Американци кои се погрешно затворени во странство, рече Грајнер во изјавата.

Таа беше уапсена во февруари 2022 година, откако руските власти соопштија дека масло од канабис било пронајдено во нејзиниот багаж на аеродромот „Шереметјево“ во Москва. Кошаркарката на Феникс Меркјури изјави дека поставувањето таква супстанција во нејзиниот багаж е „чесна грешка“ и минатиот јули се изјасни за виновна за обвиненијата за дрога.

Таа беше осудена на девет години затвор, но се врати во САД во декември лани откако беше разменета за рускиот препродавач на оружје Виктор Бут.

– Пристигнав во Москва за повторно да му се приклучам на кошаркарскиот тим на УГМК Екатеринбург и веднаш бев приведена на аеродромот. Тој ден беше почеток на еден незамислив период во мојот живот што дури сега сум подготвена да го споделам. Главната причина што тој ден се вратив во Русија на работа беше затоа што сакав мојата сопруга, семејството и соиграчките да ги направам горди, изјави спортистката.

Грајнер, која е на почетокот на четвртото десетлетие од својот живот, висока 2,06 метри, е осумкратна ВНБА „Ол-стар“ кошаркарка и шампионка со Меркјури од 2014 година. Таа исто така, има освоено два олимписки златни медали со женската кошаркарска репрезентација на САД. Се надева дека нејзината приказна ќе го привлече вниманието на затворениците, вклучувајќи го и новинарот на „Волстрит журнал“ – Еван Гершкович, кој е обвинет за шпионажа. Нејзините мемоари, што сѐ уште немаат наслов, ќе имаат и коавтор, според издавачот.