Американскиот државен секретар Блинкен вели дека Хамас не може целосно да се елиминира

 – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен им кажал на израелските власти за време на неговата штотуку завршена посета дека спротивно на наведените цели на Тел Авив, невозможно е целосно да се елиминира Хамас, објавија израелските медиуми.

За време на состанокот со израелскиот безбедносен Кабинет, Блинкен го претставил барањето на Соединетите Американски Држави за имплементирање на дводржавното решение како визија за повоена Газа, соопшти израелскиот „Канал 13“.

„Како што Израел има аспирации, така и Палестинците имаат аспирации, и Израел мора да го прифати тоа“, им рекол Блинкен на министрите од Кабинетот, пренесе каналот.

Високи израелски претставници изјавија за каналот дека пораката на Блинкен е дека „ако дводржавното решение не се изнесе во преден план како визија, Израел нема да напредува политички, дури ни во однос на нормализацијата со Саудиска Арабија“.

Од почетокот на сегашниот конфликт на 7 октомври, по ненадејниот напад на палестинската група Хамас, Израел континуирано повторува дека има за цел да го елиминира Хамас.

Во нападите врз Појасот Газа од 7 октомври, Израел уби над 23.000 Палестинци, повеќето жени и деца, а повредени се околу 60.000.

Блинкен во понеделникот пристигна во Израел во четврта посета од почетокот на војната против Газа, како дел од регионалната турнеја што започна минатата недела во Туркије. Тој ги посети и палестинскиот Западен Брег, Саудиска Арабија, Јордан, Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).