Антиќ во работна посета на ФИБА

– Претседателот на македонската кошаркарска Федерација (КФСМ), Перо Антиќ, денеска оствари работна посета на Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА), на покана на Генералниот секретар на светското кошаркарско тело Андреас Заглис.

На средбите во седиштето на ФИБА во Женева, како што соопшти КФСМ, стана збор за поддршката од страна на ФИБА, за организација на младинските европски првенства, за идните планови на КФСМ, како и за бројните проекти за развој на млади и талентирани играчи.

Генералниот секретар на ФИБА му подари и врамен записник од првиот натпревар под капата на ФИБА на кој настапил Перо Антиќ. Станува збор за натпревар од 17 јули 1999 година во рамки на Европското кадетско првенство кое се одржа во Словенија.