АПСОЛУТНО ЧУДО: Рибар поминал 24 часа во океан, еве што го спасило

Човек кој поминал речиси 24 часа во морето кај Нов Зеланд бил спасен откако го привлекол вниманието на рибарите користејќи го сончевиот сјај од неговиот часовник, пишува Sky News.

Полицијата соопшти дека е „апсолутно чудо“ што мажот, чиј идентитет не се соопштува, бил жив откако паднал од чамец долг 12 метри додека ловел риба во вторникот.

Мажот рекол дека чамецот се превртел откако фатил риба. Тој издржал студена ноќ во океанот, па дури и се соочил со ајкула, соопшти полицијата. Тој се обидел да исплива 55 километри до островот Алдерман, на североистокот на Нов Зеланд, но брзо се исцрпил и струите го одвлекле.

Мажот на крајот бил спасен откако тројца рибари забележале необичен одраз во водата. Набрзо сфатија дека станува збор за човек кој очајно се обидува да го привлече нивното внимание користејќи го отсјајот на сонцето на својот часовник.

– Чудо е што рибарот го преживеал ова. Без брзата акција на тројцата мажи кои го извлекоа, ова сигурно ќе имаше трагичен исход – соопштија од полицијата.

Мажот итно бил пренесен во Марина Вангамата, каде што бил лекуван поради хипотермија и исцрпеност.