Бајден вели дека според него помошта за Газа веројатно ќе влезе во „следните 24 до 48 часа“

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека, според него, камиони со хуманитарна помош ќе влезат во Газа во следните 24 до 48 часа.

„Верувам дека во следните 24 до 48 часа првите 20 камиони ќе ја поминат границата“, рече Бајден додека се состана со шефовите на Европската унија во Белата куќа.

Бајден рече дека има обврска од Израел и од египетскиот претседател да се пропушти помошта, но „автопатот мораше да се асфалтира, а тој беше во многу лоша состојба“.

Палестинската исламистичка група Хамас започна напад врз Израел на 7 октомври, при што загинаа 1.400 луѓе, главно цивили.

Израел оттогаш ја бомбардира Газа. Најмалку 4.137 Палестинци се убиени досега во израелските воздушни напади, меѓу кои и стотици деца, соопшти палестинското Министерство за здравство.