Бесими – Гир: Планот за раст на Западен Балкан е подадена рака за побрза конвергенција и евроинтеграција на нашата земја

– Македонија и останатите земји од регионот добиваат силна алатка во спроведување на реформите на европскиот пат преку Планот за раст на Западен Балкан кој ќе обезбеди поврзување, поддршка на реформите и финансиска поддршка во вид на грантови и поволни заеми. Ова е подадена рака од ЕУ кон земјите од Западен Балкан, која треба да се искористи да се создададат поволни економски услови за граѓаните и приватниот сектор, беше истакнато на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со евроамбасадорот Дејвид Гир.

Како што информира Министерството за финансии (МФ), на 17 ноември во Скопје на министерски состанок, од регионот пристигнуваат сите министри за финансии, економија и главни преговарачи за преговарање на условите за Планот за Западен Балкан.

-Со Планот за раст се дава поддршка за економска интеграција на земјава во единствениот пазар на ЕУ, понатаму зајакнување поврзаноста на заедничкиот регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската помош за поддршка на реформите преку Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан. Подобрувањето на економската интеграција во единствениот пазар ќе се одвива преку обезбедување на слободно движење на стоки, услуги и работници, пристап до Единствената платежна област, олеснување на патниот транспорт, интеграција во индустриските синџири на снабдување, интеграција и декарбонизација на енергетските пазари, како и во дигиталниот единствен пазар. Земјите од Западен Балкан ќе бидат поканети и да подготват реформска агенда и да ја поднесат во рок од три месеци од стапувањето во сила на Регулативата за воспоставување на Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан. Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан – ќе опфати период од 4 години (2024-2027) со финансиска поддршка од 6 милијарди евра, наведува МФ.

На состанокот, дополнува Министерството, беше посочено дека со Извештајот на ЕК за напредокот на земјата се нотира напредокот постигнат со носењето на новиот Закон за буџети кој вкучува имплементирање  фискални правила, Фискален совет и среднорочна фискална рамка.

-Се следат и насоките на ЕК за подготвување на подзаконски акти и понатамошна операционализација на Законот за буџети. Во насока на фискална одржливост, при управувањето со јавните финансии се придржува кон заложбата за фискална консолидација, преку континуирано намалување на буџетскиот дефицит. На средбата беше истакнато дека подготвената реформска агенда од страна на земјите од Западен Балкан ќе биде клучен двигател на Планот за раст, односно нејзиното исполнување ќе ги донесе до искористување на можностите на единствениот пазар на ЕУ и користење на Инструментот за реформи и раст, со кој во  период од 2024 до 2027 година стојат на располагање неповратни средства до 2 милијарди евра и поволни заеми во износ до четири милијарди евра. Фокусот на реформите треба да биде на зелената агенда, дигитализација и иновации, како и декарбонизација, односно енергетска транзиција од јаглен кон обновливи извори на енергија, информира МФ.

ЕК вчера ги објави извештаите за напредокот на земјите од Западен Балкан, заедно со Планот за раст на ЗБ, кој носи економски придобивки за бизнисите, работниците, потрошувачите, а тоа носи придобивка за целата ЕУ-интеграција за земјите кои треба да изградат посилни и поотпорни економии.