Борел: Големите сили заборавија на палестинското прашање

Шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, денес изјави дека пред избувнувањето на тековниот конфликт на Блискиот Исток, големите сили заборавиле на палестинското прашање.

„Мировниот процес е предолго заборавен. Големите сили заборавија на палестинското прашање мислејќи дека тоа ќе се реши само или дека не е важно – да, важно е“, рече Борел говорејќи во изјава за медиумите по пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Борел додаде дека Хамас треба да ги ослободи сите заложници што ги држи и да престане со истрелување ракети од Газа кон Израел за деескалација на ситуацијата.

„Но, приоритет во моментов е во Газа да пристигне хуманитарната помош“, рече тој.

На прашањето која е главната пречка за пуштање на хуманитарната помош во Газа, Борел одговори:

„Во одреден момент, Египет е подготвен да ги пушти сите камиони што чекаат во колони да влезат. Не сакам да ја префрлам вината на никого, но факт е дека тие не влегуваат.“

Првите камиони со помош влегоа во Газа по долги преговори со Израел, кој сака да ги подложи сите камиони на долга проверка и да го ограничи бројот на камиони на дел од она што пристигнуваше пред конфликтот.

Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и блокада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, повеќестран ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел по копно, море и воздух. Се наведува дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Израелската армија продолжи со интензивните воздушни напади врз Газа, во кои уништи цели населби.

Според досегашните податоци, најмалку 5,087 Палестинци, меѓу кои 2.055 деца, загинаа во израелските напади врз Газа.

Голем број луѓе останаа заробени под урнатините.