Бразилската полиција откри нелегално оружје дојдено од Хрватска, Турција, Чешка и Словенија вредно 225 милиони евра

Бразилската полиција откри милионски систем на илегална трговија со оружје од Европа до Јужна Америка, соопшти бразилското Министерство за правда. Според нив, компанијата со седиште во Асунсион, Парагвај, наводно увезла илјадници пиштоли, пушки и муниција од неколку европски производители во Хрватска, Турција, Чешка и Словенија. Според нив, се работи за оружје вредно околу 225 милиони евра.

Оружјето наводно било увезено од Европа во Парагвај, а потоа се препродавало на групи посредници кои дејствувале на границата меѓу Бразил и Парагвај, кои потоа го препродавале на моќни криминални фракции во Бразил.

Истрагата започнала во 2020 година во полициската станица во Виторија да Конквиста на североистокот на Бразил, каде беа уапсени две лица со 23 пиштоли од хрватско потекло и две пушки, заедно со муниција и контејнери со куршуми.

После тоа, бразилската полиција покрена операција со кодно име „Ѓаково“, која разоткри мултимилионски систем на нелегална трговија со огнено оружје од Европа до Јужна Америка.

Според бразилското Министерство за правда, во период од три години, компанијата што ја истражуваат увезла во Парагвај околу 43.000 парчиња оружје во вредност од 1,2 милијарди бразилски реали или околу 225 милиони евра.

Според полицијата, во тој период на територијата на Бразил биле извршени 67 претреси и запленети се вкупно 659 парчиња оружје.