Спасовски: Вања почина од прострелна рана, пронајдени два пиштоли во близина на Скопје

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во синоќешната изјава во врска со прашањето дали Вања, 14-годишното девојче е удавено или починало од рана од куршум, рече дека се работи за рана од куршум.

„Точната одлука на обдукцијата ќе ги покаже деталите, но се работи за рана од куршум“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата на која соопшти дека е фатен првоосомничениот Љупчо Палевски.

Во однос на тоа дали е пронајдено оружјето со кое е пукано во неа, министерот Спасовски рече дека во Скопје се пронајдени две оружја, кои мора да се проверат за да се утврди дали е тоа оружјето со кое е убиено девојчето.

Спасовски потврди и дека полицијата го пронашла мобилниот телефон на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

Вања беше прогласена за исчезната на 27 ноември, додека во неделата на 3 декември нејзиното тело беше пронајдено во околината на Скопје.