Варшава ќе ги пресели воените единици во источниот дел на земјата поради присуството на Вагнер во Белорусија

Полскиот безбедносен комитет на состанокот во средата одлучи да ги премести воените единици во источниот дел на земјата поради присуството на платеничката организација Вагнер во Белорусија, објави полската новинска агенција ПАП.

Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин , во средата се појави во видео во кое им посака добредојде на своите платеници во Белорусија, велејќи им дека засега повеќе нема да учествуваат во војната во Украина, но исто така им наредува да ги концентрираат своите сили во обучувањето на белоруската армија.

Вчера, четврток, Министерството за одбрана на Белорусија објави дека платениците од Вагнер почнале да ги обучуваат белоруските специјални сили на воено поле кое се наоѓа на само неколку километри од границата со Полска, членка на НАТО .

„Обуката или заедничките вежби на белоруската армија и групата Вагнер се несомнено предизвик“, изјави Збигњев Хофман за ПАП.

Безбедносниот комитет ги анализираше можните закани, како што е преместувањето на единиците на групата Вагнер. Затоа, министерот за национална одбрана и претседател на Комисијата, Мариуш Блашчак, одлучи да ги премести полските воени формации од запад кон исток на Полска.

Луѓето кои живеат во близина на границата на Полска со Белорусија вчера изјавија дека можеле да слушнат пукотници и хеликоптери откако организацијата Вагнер пристигнала да ги обучува белоруските специјални сили, што ги засили нивните стравувања дека војната во Украина може да допре до нив.

Полскиот министер за одбрана претходно овој месец изјави дека Варшава почнала да преместува повеќе од 1.000 војници во источниот дел на земјата.

Исто така, на почетокот на јули, Полска објави дека ќе испрати 500 полицајци да ја засилат безбедноста на границата со Белорусија.