ВИДЕО | ДРАМАТА ВО ГЕРМАНИЈА ПРОДОЛЖУВА – Берлин на нозе поради побегнатата лавица: Дивиот ѕвер му припаѓал на локален мафијаш !?

Повеќе од 200 полицајци од четвртокот рано наутро ја ‘чешлаат’ шумската област јужно од Берлин во потрага по побегнатата лавица. 

По интензивна потрага, големиот ‘ѕвер’ повторно е виден во четвртокот вечерта во шума во близина на Клајнмахнов, мало гратче во близина на Берлин, пишува Berliner Zeitung. Медиумите споделија неколку секунди снимки напревени од мобилен телефон од очевидци на кои се гледа како животното се прикрадува меѓу грмушки и дрвја во шумата.

Се замолуваат тркачите и пешаците привремено да ја избегнуваат шумата. Еминентниот весник BIld шпекулира дека можеби станува збор за лавица која припаѓа на семејството Рамо, еден од мафијашките кланови во берлинскиот регион Нојколн, специјализиран за спектакуларни грабежи на продавници за накит и музеи. Еден од членовите на семејството, Фирас Рамо, напиша во објава на социјалната мрежа Инстаграм дека- „можеби ќе го врати животното пред некој идиот да пука во него“.

слика
Клајнмахнов, Германија

Локалните ловци се приклучија на потрагата во Клајнмахнов, а еден од нив покажа наводни траги од лавицата на едно дрво. Но, дивите свињи сакаат и да се тријат со дрвја, пишува весникот Spiegel Online, што укажува на тоа дека можеби не станува збор за лавицата. Од петокот наутро во потрагата се вклучени и беспилотни летала.

Полицијата соопшти дека добила повеќе пријави од граѓани и систематски проверува се – „Засега ниту една трага не довело до локацијата на дивото животно што го бараме“, велат тие, пренесуваат германските медиуми. Полицијата ги повика граѓаните да бидат внимателни: „Внимавајте! Лавицата не е далеку“, објавија градските власти на социјалната мрежа Твитер.

И покрај алармот, Spiegel Online пишува дека нема цврсти докази дека навистина се работи за избегано диво животно: не се пронајдени отпечатоци од шепи, измет или крв. Ветеринарот Ахим Грубер од универзитетот во Берлин се сомнева дека се работи за лавица, но сепак има сомнежи. Но, ако и ловечките кучиња не најдат трага, тоа ќе биде важен аргумент против хипотезата дека имаат работа со лавица.

слика
Клајнмахнов, Германија

Скептичен е и експертот за диви животни Дерк Елерт. „На објавеното видео можев да видам само две диви свињи како трчаат лево-десно“, изјавил тој за RBB Inforadio во петокот наутро и додал: „Се разбира, им верувам на сведоците, колегите од полицијата во Берлин, кои всушност виделе такво животно“. Но, тој сепак има сомнеж бидејќи не се пронајдени траги: „Лавот не може само да исчезне, а ниту лавицата. Таа остава траги“. Но, Дерк Елерт сепак ја остави можноста дека дивото животно навистина може слободно да шета во Берлин и Бранденбург, сојузната држава што го опкружува Берлин. И ако навистина е лавица, останува прашањето: од каде ? Не од зоолошки градини и познати циркуси, велат од полицијата.