На погребот на Мету Пери беше пуштена песната Don’t Give Up на Питер Габриел и Кејт Буш, неофицијална химна на сите оние кои се борат со различни форми на зависност. Текстот на иконската песна ги расплака семејството и пријателите на актерот на гробиштата Форест Лан во Лос Анџелес.
„Нема повеќе борби, или така изгледа, јас сум човек чии соништа се напуштени, го сменив лицето, го сменив името, но никој не те сака кога губиш“, е дел од текстот на песната од 1986 година.
Пери беше отворен за неговите борби со зависноста од дрога и алкохол во текот на неговата кариера. Тој беше во тежок период од животот и за време на снимањето на Пријатели, поради што, како што рече подоцна, никогаш не можел да ја гледа таа серија.
Пери почина на 54-годишна возраст
Пери почина на 28 октомври на 54-годишна возраст во својот дом во Лос Анџелес. Тој бил пронајден мртов во неговото џакузи. Неделава беа објавени првите резултати од извештајот за токсикологија, кој потврди дека Метју Пери не конзумирал фентанил или метамфетамин, а во неговото тело нема никакви траги од овие недозволени супстанци.
Целосниот токсиколошки извештај за Пери можеби нема да биде достапен со месеци и ќе открие дали Пери имал штетни количини на лекови на рецепт во неговиот систем во моментот на неговата смрт. Портпаролот на полициската управа во Лос Анџелес претходно потврди дека полицијата во неговиот дом не пронашла сомнителни супстанци, туку само лекови на рецепт.