Видео разговор Меџити-Љашко: Северна Македонија понуди помош и поддршка за заштита на цивилното население во Украина

 – Министерот за здравство Фатмир Меџити оствари видео разговор со министерот за здравство на Украина Виктор Љашко. 

-Украинскиот министер изрази благодарност до Владата на Северна Македонија и до Министерството за здравство, за хуманитарната поддршка на Украина. Љашко истакна дека од голема важност за граѓаните на Украина е придонесот во здравствената заштита како и хуманитарната помош, која од страна на Министерството за здравство на Северна Македонија во повеќе наврати изминатиов период беше донирана до Украина, информираат денеска од Министерството за здравство.

Хуманитарната помош од Северна Македонија се состоеше во лекови и медицински средства, медикаменти и антибиотици.

Министерот Меџити истакна дека Северна Македонија секогаш знае да понуди помош и поддршка во заштита на цивилното население и да биде хумана и солидарна во најтешките моменти.

Соговорниците разменија мислења и за соработката меѓу земјите во рамки на Програмата за меѓународно медицинско партнерство, која се спроведува под покровителство на првата дама на Украина Олена Зеленска, со цел да се воспостави ефективно партнерство меѓу здравствените институции на Украина и странските земји.

На видео состанокот беа разменети мислења и за соработка на здравствените институции меѓу двете министерства за здравство, кои би се состоеле во размена на искуства за актуелните предизвици во областа на здравствената заштита.