ВИДЕО | Тајниот имот на Владимир Путин во близина на Финска конечно прикажан детално на јавноста: Ѕирнете во вилата која ја чува многу моќен ракетен систем

Истражителите на Центарот за досиеја успеаја да ѕирнат во внатрешноста на реновираниот имот на претседателот на Русија, Владимир Путин, во Карелија, република во северозападниот дел на Русија долж границата со Финска, десет години по нејзината изградба.

Тајната резиденција на претседателот на Русија сè повеќе навлегува во заштитените подрачја, а нејзината територија досега толку многу порасна што ја окупира областа на две кнежевства на Монако“, напиша Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, во објава на социјалната мрежа Х (Твитер).

Резиденцијата на Владимир Путин во Карелија е позната од 2016 година, но до сега нема детални фотографии или видеа од неа. Неговите пријатели, милијардери од Санкт Петербург, меѓу кои беше и Јуриј Ковалчук, почнаа да ја градат вилата пред повеќе од десет години. Локалните жители велат дека претседателот на руската држава се појавува таму најмалку еднаш годишно – најчесто по посета на манастирот Валаам.

Според достапните документи, површината на резиденцијата е околу еден квадратен километар, но имајќи ги предвид оградените шуми и заливи, таа всушност изнесува четири квадратни километри.

Водопадот Марјалахти, висок четири метри, би требало да биде дел од националниот парк, но пристапот до него е ограничен со бодликава жица и 24-часовно обезбедување. За „сопственикот на водопадот“, во случајов Владимир Путин, во непосредна близина е поставен белведер од кој рускиот претседател може во целосна приватност да му се восхитува на бисерот на националниот парк.

На споменатата територија има уште три објекти, меѓу кои и рибарска колиба. Но, ниту еден од нив не личи на колиба или штала, всушност, сите се изградени во многу модерен стил. Во близина на еден од споменатите објекти има насип кој го немало пред почетокот на војната во Украина – новинарите претпоставуваат дека на таа локација за заштита на Владимир Путин бил поставен против-воздушниот систем Pancir-S1.