ВМРО-ДПМНЕ побара лидерската средба в понеделник да се одржи по 11.00 часот, СДСМ одговори: Таа ќе биде во 12.00 часот

На денешната прес конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева одговори на прашање поврзано со најавената лидерска средба за во понеделник.

Според Митева, ВМРО-ДПМНЕ очекува да се разговара конечно за прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ, како и понудата за укинување на техничка влада, но и се пожали дека партијата од медиумите дознала дека ќе има лидерска средба.

„Од медиумите дознавме дека премиерот Ковачевски закажува лидерска средба за понеделник која што е поврзана со изборите. Таквата комуникација преку медиуми за вака важни прашања е негов избор. Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која ние очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ. Воедно бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, замолуваме средбата да биде после 11 часот во понеделник бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има часови со студентите на Машинскиот факултет каде работи како редовен професор”, нагласи Митева.

За кратко, одговор стигна од СДСМ, која преку соопштение, ја закажа лидерската средба за во 12.00 часот.

„Жалиме што ќе мора да му ја пореметиме агендата на Христијан Мицкоски, кој очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ работи само два часа во текот на денот, од 09-11 часот. Средбата во понедленик, 4-ти декември 2023 година ќе биде во 12.00 часот“ стои во соопштението од СДСМ.