Вонреден онлајн Самит на ЕУ посветен на настаните на Блискиот Исток

 Во услови на бруталните терористички напади на Хамас врз Израел и трагичните случувања во Појасот Газа како резултат на блокадата, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел за денеска попладне свика вонреден состанок на лидерите на ЕУ, што ќе се одржи преку видео-конференција, јави дописникот на МИА од Брисел.   

– Од исклучителна важност е Европскиот совет, во согласност со договорите и нашите вредности, да ја утврди нашата заедничка позиција и да воспостави јасен обединет курс на дејствување што ќе ја одразува сложеноста на ситуацијата што се развива, порача Мишел по повод свикувањето на вонредниот Самит на ЕУ. 

Според најавите, на денешниот состанок се очекува да се расправа за обезбедувањето хуманитарна помош, за избегнување регионална ескалација на конфликтот и какви било прекршувања на хуманитарното право, за ангажманот на ЕУ во соработка со регионалните актери за барање траен и одржлив мир заснован на решението за формирање две држави, за потенцијални безбедносни последици од конфликтот врз членките на Унијата, како и за ризикот од можни миграциски текови кон Европа. 

Како што наведе Мишел во поканата до шефовите на држави или влади на членките на ЕУ за учество на заседанието на Европскиот совет, бруталните терористички напади на Хамас врз Израел што започнаа на 8 октомври резултираа со трагична загуба на над илјада невини израелски цивили.  

Според него, и трагичните сцени што се одвиваат во Појасот Газа, како резултат на блокадата и недостигот на основни намирници, во комбинација со уништувањето предизвикано од значителното гранатирање, предизвикуваат вознемиреност во меѓународната заедница. 

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, нагласи денеска, по повод медиумски добро следената кампања за испорака на вакцини против Ковид-19 од Кина и Русија во други земји, дека ЕУ нема

– Од исклучителна важност е Европскиот совет, во согласност со договорите и нашите вредности, да ја утврди нашата заедничка позиција и да воспостави јасен обединет курс на дејствување што ќе ја одразува сложеноста на ситуацијата што се развива. Овој конфликт има многу последици, вклучително и за нас во Европската Унија, наведе Мишел. 

Тој нагласува дека Унијата отсекогаш била и мора да биде цврст застапник за мир и почитување на меѓународното право, како во случајот со руската агресија врз Украина.  

– Унијата мора да работи на обезбедување хуманитарна помош и избегнување на регионална ескалација на конфликтот и какви било прекршувања на хуманитарното право, истакнува Мишел во поканата. 

Според него, силниот ангажман на ЕУ со регионалните актери е клучен, бидејќи тие се најпогодени од конфликтот и можат да играат ефикасна улога.  

– Никогаш не треба да ја изгубиме од вид важноста да се бара траен и одржлив мир заснован на решението со две држави преку зајакнати напори во мировниот процес на Блискиот Исток, потенцира претседателот на Европскиот совет. 

Мишел оценува дека конфликтот може да има големи безбедносни последици за европските општества и ако членките на ЕУ не сме внимателни, постои опасност од зголемени тензии меѓу заедниците и поттикнување на екстремизмот. 

– Конечно, постои голем ризик од миграција и движење на голем број луѓе во соседните земји кои веќе имаат значителен број бегалци на нивната територија. Ако не се постапува внимателно, постои ризик од понатамошни миграциски текови кон Европа. Неопходно е да се справиме со сите овие предизвици заедно. Нашето единство е нашата сила, додава Мишел во пораката. 

Европскиот совет во неделата објави заедничка изјава на сите негови членови во однос на случувањата на Блискиот Исток, во која беше нагласено дека Европската Унија најостро го осудува Хамас и неговите брутални и неселективни терористички напади низ Израел и длабоко жали за загубата на животи.  

– Нема оправдување за теророт. ЕУ изразува целосна солидарност со народот на Израел и со жртвите на терористичките напади. Израел има право да се брани во целосна согласност со меѓународното право, особено со меѓународното хуманитарно право, беше наведено во изјавата, со која беше упатен повик до Хамас веднаш да ги ослободи сите заложници без никакви предуслови. 

Во изјавата, лидерите на ЕУ ја повторија важноста од обезбедувањето итна хуманитарна помош на цивилите на кои им е најпотребна во Газа и изразија подготвеност да продолжат со нивна поддршка во координација со партнерите.