Во Газа убиени уште 54 Палестинци, вкупниот број се зголеми на 33.091

Најмалку уште 54 Палестинци загинаа, а 82 се повредени во последните 24 часа во израелските напади врз опколениот Појас Газа, соопшти денес Министерството за здравство на енклавата.

„Израелската окупација (сили) изврши пет масакри врз семејства во Појасот Газа, убивајќи 54 Палестинци и ранувајќи 82 во текот на изминатите 24 часа“, истакна Министерството.

„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава во соопштението.

Непочитувајќи ја привремената пресуда на Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжува со нападите врз Појасот Газа каде што според податоците на палестинските здравствени власти, од 7 октомври досега загинаа најмалку 33.091 Палестинец, главно, жени и деца, а 75.750 се повредени.

Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по прекуграничниот напад на Хамас, во кој Тел Авив вели дека загинале речиси 1.200 лица, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ), со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.

Според податоците на Обединетите нации, израелската војна против Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се раселат, предизвикувајќи акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да се гарантира хуманитарната помош за цивилите во Газа.

Меѓутоа израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.