Во Европската куќа Крива Паланка одржана панел дискусија за положбата на жените во општеството

– Положбата на жената во општеството, родовата еднаквост и рамноправност беа тема на дискусијата во организација на Европската куќа Крива Паланка што ја водеа успешни жени-лидери од Североисточниот регион.

-Меѓународниот ден на жената беше поттик да рефлектираме на  положбата на жените во нашето општество, родовата еднаквост и рамноправност и слушнеме успешни примери на наши сограѓанки кои се двигатели на општеството и неговите промени.Во разговор  со успешни лидерки, новинарки, писателки, претприемачки, активистки, докторки и студентки, младите слушнаа за успесите, предизвиците, дискриминацијата и сите „сопатници” на кои наидува жената по патот на наоѓање баланс помеѓу  професионалното, семејното и општественото остварување, информира Благородна Пешевски од Европската куќа Крива Паланка.

Посочи дека 8 Март треба да е потсетник дека рамноправноста бара и еднаквост во општеството, како и секојдневна борба за родовата еднаквост.

По дискусијата, во Европската куќа Крива Паланка се одржа и проекција на документарен филм во организација на Амбасада на Република Италија во Северна Македонија, а присуствуваше и Амбасадорот на Италија, Андреа Силвестер. Станува збор за филмот „Кордон“, влијателен документарец кој апелира да се подигне свеста за важноста на ненасилната социјална помош.

Филмот ја раскажува приказната за 5 „обични“ жени кои прават извонредни работи за да им помогнат и да им дадат надеж на украинските бегалци, обединети низ безвременската железничка станица на унгарската граница со Украина.

„Кордон“ праќа апел до меѓународната публика да не стои настрана и да им помогне на овие жени да не ја продолжат својата работа сами. Целта е овој документарен филм да стане инспирација, мегафон и алатка за поврзување заеднички сили кои ќе резултираат со промени.