Во Париз избија протести откако полицаец уби 17-годишник

– Во Париз синоќа, откако полицаец пукаше и уби 17-годишен доставувач во предградие на главниот град на Франција, демонстрантите запалија барикади, а полицијата одговори со солзавец.

Тинејџерот претходно во текот на денот беше убиен од полицаец во предградието Нантер поради проблем при сообраќајна контрола.

Инцидентот ја шокира јавноста и предизвика загриженост поради употребата на смртоносна сила од страна на безбедносните сили.

На видеото од инцидентот објавено на интернет се гледа како двајца полицајци се наведнуваат на прозорецот од страната на возачот пред да заминат. Еден од полицајците пука во возачот, а автомобилот удрил во блискиот столб.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин за време на седница на Парламентот потврди дека двајцата полицајци инволвирани во инцидентот се на распит.

Синоќа дојде до спорадични судири меѓу младите и полицијата.

Неколку групи запалија барикади и корпи за отпадоци, уништија автобуска станица и фрлаа петарди кон полицијата. Полицијата употреби солзавец.

„Подоцна беа уапсени девет лица во врска со судирите“, пренесуваат француските медиуми.