Во поплавите во Пеќ загинаа мајка и дете, Курти изрази сочуство и вети поддршка за справување со последиците

Петгодишно дете и неговата мајка загинаа во синоќешното невреме во косовскиот град Пеќ.

Откако потврди дека се удавило петгодишно дете, косовската полиција соопшти дека без знаци на живот е пронајдена и исчезнатата мајка. Инцидентот се случил во населбата „Аслан Ќешме“.

Градоначалникот на Пеќ Газменд Мухаџери изрази сочувство за смртта на мајката и нејзиното петгодишно дете.

„Ова е сериозна и горчлива ситуација за нашиот град. Во ова тешко време, изразувам сочувство и целосна солидарност. Се надевам дека ќе имаат сила да ја надминат оваа ситуација“, порача Мухаџери на Фејсбук.

Тој додаде дека општинските екипи се на терен и ја следат состојбата предизвикана од поплавите.

Премиерот на Република Косово Албин Курти, реагираше на  немилиот настан во Пеќ и преку социјалната мрежа Фејсбук ја изрази својата длабока тага поради оваа трагедија. Тој посочи дека загубата на животи е голем удар за Косово и изрази искрено сочувство до семејствата на жртвите. На повредените им посака брзо закрепнување.

Курти истакна дека Владата на Косово е ангажирана за справување со последиците од поплавите и дека ги мобилизирала своите капацитети во соработка со Косовските безбедносни сили и Агенцијата за вонредни состојби.

Министерот за одбрана Арменд Мехај, министерот за внатрешни работи Џелал Свечља и министерот за локална самоуправа Ељберт Красниќи се во контакт со општина Пеќ со цел да се координираат активностите и да се обезбеди потребната поддршка.

Курти истакна дека Владата ќе вложи напори за разрешување на ситуацијата и ќе ја даде сета потребна поддршка за граѓаните погодени од поплавите. Тој вети дека Владата и надлежните институции ќе се ангажираат на терен за да им се пружи помош и поддршка на ранливите подрачја.