Во тек е оглас за вработување на 16 здравствени работници во штипската Клиничка болница

Во Клиничката болница – Штип во тек е оглас за вработување на  16 здравствени работници, од кои осум за лекари, по еден стоматолог и физиотерапевт и шест медицински сестри, информираше на денешната прес-конференција директорот Ален Ѓеорѓијев.

Посочи дека по завршување на огласот ќе се направи конечната ранг листа со што болницата ќе добие нов кадар, кој во моментот недостасува. Ѓеорѓијев истакна дека радува фактот оти заинтересираноста за вработување на позиција лекар во Клничка болница – Штип е голема, се вработуваат само осум лекари, а пријавени се 44 кандидати. Од друга страна, пак, од слободни шест места за медицински сестри пријавени се само 10, од кои девет  веќе работат во болницата.

-Имаме осум позиции за местото доктор, шест медицински сестри, еден дипломиран физиотерапевт и еден стоматолог. Од кога ќе заврши тестирањето ќе се направи конечната ранг листа на кандидатите кои треба да бидат примени. Во делот за доктори иамме огромна заинтересираност што е добро. Иако примаме само осум лекари имаме пријавено дури 44 што е една позитивна охрабрувачка вест за нас како Клиничка болница – Штип, вели Ѓеорѓијев.

Тој истакна дека бројката на здравствени работници кои ќе се вработат преку сега распишаниот оглас е далеку помал од потребниот, но на есен  очекува да се распише уште еден нов оглас.

-Овој оглас примаме 16 здравствени работници, дали е тоа доволно – се разбира дека не. Ние имаме многу повеќе работници кои сме ги изгубиле во изминатиот период, долг беше периодот, во кој немавме примено работници, само во текот на јули изгубивме четири лекари специјалисти кои заминаа во пензија. Но, ќе имаме ново барање на есен. Од овие 16 ние би барале плус уште 15 до 20 здравствени работници, да бидеме објективни до крајот на годината, додава директорот на болницата.

Во моментот во болницата недостасуваат околу 100 здравствени работници. Ѓеорѓијев најави дека во текот на овој  и наредниот месец се откажуваат операциите во болницата кои може да почекаат. Ова е пракса и од претходните години летниот период во месеците јули и август да се одлагаат операции кои може да почекаат. Според него, и  покрај тоа што е период на одмори сепак има доволно луѓе кои може да им излезат во пресрет на пациентите овој период. Оперативните зафати кои мора да се завршат, не се одлагаат.

-Како и секоја година започнува периодот во кој се очекуваат високи температури. Клиничка болница – Штип и покрај тоа што е сезона на одмори си ја има организирано работата. Што се однесува до операциите, како и секоја година во јули и август се откажуваат оние операции кои може да почекаат, кои ние ги нарекуваме еликтивни. Но, сите оние операции кои треба веднаш да бидат извршени за акутни, хируршки состојби, како и пациентите кои имаат малигни болести за нив не важи ова одлагање на оперативни процедури, вели Ѓеорѓијев.

Тој истакна дека апаратот за магнетна резонанца и рентген апартот се надвор од функција.  За рентген апаратот наскоро ќе биде распишана јавна набака за да се поправи и стави во функција, а за магнетна резонанца се чека комплетна понуда, по што ќе се стават во функција.