ВО ТУРЦИЈА СE УРНА НОВА ЗГРАДА СО 22 СТАНА: Намерно направиле грешка во станот на приземје, падналa како КУЛА ОД КАРТИ

Неколку лица се уапсени во Турција под сомнение дека поради несовесно работење предизвикале уривање на бројни згради за време на разорните земјотреси во Турција.

Меѓу уапсените е и Назми Тосун, надзорниот орган за време на изградбата на станбениот комплекс Емре во Газиантеп, кој беше уништен во разорниот земјотрес.

Истрагата утврдила дека се исечени неколку столбови во приземјето на станбениот комплекс, што помогнало да се олесни уривањето на зградата.

Во зградата имало 22 стана, а надлежните сметаат дека до рушење немало да дојде доколку столбовите биле поставени според прописите за градба.

„Обвинителството во Газиантеп започна истраги во врска со зградите што беа уништени во разорните земјотреси што ја погодија Турција. Стручните комисии се на терен и спроведуваат истрага. Соработуваме со соодветните институции за да ги идентификуваме одговорните за време на изградбата , кои со несовесно работење придонеле за уривање на зградите“, соопштија надлежните.

Јавуз Каракуш, кој се занимавал со изградба на бројни станбени згради во тој град, е приведен во Адијаман. Тој бил фатен на аеродромот во Истанбул во моментот кога се обидувал да побегне во Грузија.

Кај него била пронајдена поголема сума пари. Медиумите јавуваат дека меѓу неговите работи биле пронајдени околу 16.000 долари и повеќе од 20.000 лири.

Кога даде изјава за новинарите, на прашањето дали му е чиста совеста, Каракуш рече: „Изградив 44 згради, само четири се срушија. Сè направив според прописите“.

Турските медиуми јавуваат дека полицијата уапсила уште неколку изведувачи, градежници кои го вршеле техничкиот прием на урнатите згради и уште неколку инвеститори.

Повеќето од нив беа фатени во обид да побегнат од земјата. Еден од нив бил фатен кога се обидел да лета од Истанбул за Црна Гора.

Бугра Далкиран, шефот на Комората на градежни инженери на Кахраманмарас, кој е сопственик на една од зградите што го преживеале земјотресот, наведува дека опстанокот на зградите нема никаква врска со чуда.

„Не е ни чудо што зградата останува недопрена ако е изградена според спецификации. Повеќето од уништените згради околу нас се изградени во 90-тите, а квалитетот на бетонот е низок.

Експертите се прашуваат колку можеле да заработат осомничените за несовесно градење крадејќи материјали од зградата.

„Трошоците за груба изградба на зградата се 35-40 проценти од вкупната цена. Дури и да крадеш од неа, можеш да направиш профит од најмногу 3-5 проценти. Мислам, тоа е многу, многу мала заработка …“, предупредуваат тие.