Вучиќ: „Деца од 12, 13 и 14 години се подготвени да загинат на северот на Косово“

– Ниту една ноќ не можам да спијам бидејќи знам што се случува ноќе на северот на Косово, буквално сè врие, децата на возраст од 12, 13 и 14 години се подготвени да загинат, и тоа мора да го спречиме, сити се од Аљбин Курти и сите можни лаги, изјави денеска во Белград српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вучиќ на прес-конференција по средбата со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, рече дека српските деца на возраст од 12 години во Лепосавиќ ги „бркале автомобилите“ на косовските безбедносни сили ноќта меѓу средата и четвртокот и нагласи дека никој повеќе не сака да ги трпи косовските сили на редот, ниту нивниот терор.

„Тоа е ужасно тешка ситуација за нас, ние се обидуваме да го зачуваме мирот по секоја цена, но имаме работа со луѓе кои не сакаат мир по секоја цена. Мораме да се бориме и да се потпреме на здравиот разум. Се надевам дека Европската Унија и САД ќе имаат доволно сила да расудуваат со оние кои се однесуваат нерационално“, изјави Вучиќ.

Говорејќи за апсењето на тројцата гранични полицајци, припадници на Полицијата на Косово, што се случи во средата, а за кои Приштина тврди дека биле киднапирани од територијата на Косово, Вучиќ рече дека и самиот косовски премиер Аљбин Курти признал дека уапсените ги прекршиле сите норми на меѓународното право.

Вучиќ потсети дека Курти рекол дека уапсените биле во Косово, на 300 метри од административната линија меѓу Србија и Косово, и нагласил дека припадниците на Полицијата на Косово немаат право и не смеат да бидат таму според Воено-техничкиот договор, бидејќи кога сакаат да се приближат на километар од административната линија, тие мора да го пријават тоа во КФОР 36 часа однапред.

Српскиот претседател запраша што барале косовските полицајци на местото каде што биле уапсени со долги цевки, односно дали сакале да „убијат некој што сакал да префрли кока-кола или шише кисела вода“ преку административната линија „или да ги изнудат и да им земат половина“.

Вучиќ рече дека му е „одвратно да се оправдува за глупости“ бидејќи при тоа апсење „никој не бил претепан и ништо не се случило“.

Тој оцени дека во прашање била „рутинска работа“ на српските агенции за спроведување на законот и истакна дека досега не се случило припадници на Вооружените сили на Србија или на српската полиција да ја преминат административната линија „бидејќи за тоа имаат директна наредба“.

Зборувајќи за протестите на кои се бара одговорност за ерупцијата на говор на омраза и насилство во Србија, што доведе до две масовни убиства на почетокот на мај, Вучиќ рече дека Србија се обидува да ги преземе најдобрите демократски достигнувања на Европската Унија.

„Единствено што не презедовме е тоа да ги претепаме демонстрантите, тоа не можеме и нема да го направиме, ќе го избегнуваме до последен момент“, нагласи Вучиќ.

Обраќајќи се директно на претседателката на Словенија, Вучиќ посочи дека во Србија слободата на медиумите е таква што тој „секој ден би требало да одговара дали е Хитлер или Мусолини“, додавајќи дека веќе се навикнува на тоа и рече дека тој не ѝ посакува на неа баш таков степен на слобода.

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, апелираше да се почитува законот и сите заедно да работат за владеење на правото.

„Несомнено би сакала што поскоро да се имплементира договорот за формирање Заедница на српските општини на Косово. Тоа е договорено уште во 2013 година и не гледам причина зошто да не се спроведе“, изјави Пирц Мусар.

Таа истакна дека во овие тешки моменти за Белград и Приштина, дијалогот е единствениот вистински пат до решение и смирување на ситуацијата.

„За тоа се потребни двете страни и Косово мора да го направи своето. Во октомври ќе отпатувам во Приштина и таму ќе разговарам за нивните ставови со претседателката на Косово, Вјоса Османи. Ставот на Европската Унија и Словенија е јасен – дијалог, уште еднаш дијалог и дијалог. Не сакаме конфликти во регионот на Западен Балкан. Мислам дека планираниот пат треба да биде јасен, тоа е пристапот кон Европа, европските вредности, владеењето на правото и човековите права. Веруваме во Европа“, нагласи Пирц Мусар.

Таа додаде дека навистина сака земјите од Западен Балкан да ја завршат работата поврзана со влезот во Европската Унија.

Словенечката претседателка изјави дека се надева оти овие земји ќе се приклучат на „големото европско семејство кое ја почитува различноста на јазиците и културите“.

Таа нагласи дека смета дека Србија „нема резерва“ по ова прашање и дека знае дека српскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици на Европската Унија.

Пирц Мусар изјави дека односот меѓу Белград и Приштина е исклучително важен за целиот регион на Западен Балкан, „што ќе треба да покаже колку сме зрели сите заедно за да ја смириме тензијата“.

Обраќајќи му се на Вучиќ, таа истакна дека „демонстрациите во сите земји се легитимен чин и дел од демократијата“ и додаде дека она за што пишуваат медиумите е слобода на изразување.

Пирц Мусар рече дека слободата на медиумите е дел од демократијата и дека и тие треба да работат на тоа, додавајќи дека протестите се дел од демократијата, и дека протести има и во Словенија, не само во Белград.