Вјоса Османи: Косово и НАТО имаат иста цел – мир, стабилност и безбедност на регионот 

– Косово по никоја цена нема да се откаже од евроатлантскиот пат, затоа што дадовме многу жртви за да дојдеме до него, изјави денеска косовската претседателка Вјоса Османи по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Брисел. 

– НАТО е наша судбина во ова клучно време за трансатланската заедница. Косово, како и НАТО, имаат иста цел, а тоа е мир и стабилност и безбедност за сите луѓе во регионот, порача Османи, додавајќи дека успехот на Косово претставува и успех на НАТО за развојот на демократијата и гарантирање на безбедноста во регионот. 

Според Османи, благодарение на Силите на НАТО во Косово – КФОР сите косовски граѓани живеат слободно без разлика на нивната национална припадност. 

Османи истакна дека нападите врз припадниците на КФОР во мај годинава биле дело на српски криминални групи, додавајќи дека доколку одговорните за овие настани не бидат казнети, постои ризик сторителите да го сфатат тоа како „наша заедничка слабост“ и дека може продолжат со нападите врз Силите на НАТО, косовската полиција и новинарите. 

– Секогаш кога сме работеле заедно со партнерите, имало резултати. Ќе продолжиме да работиме заедно, бидејќи сите оние кои се против Косово, се и против НАТО. Нападот врз војниците на КФОР покажа дека овие деструктивни сили сакаат да го нападнат системот заснован на вредности, врз кои сме изградени ние и НАТО, рече Османи. 

Таа изјави дека Косово и балканскиот регион се изложено на руските обиди за дестабилизација, што се манифестира и со случувањата во Северно Косово, обвинувајќи дека се што прави Србија го прави во координација и под влијание на Москва.  

– Косово постојано е изложено на мешање однадвор и на постојана опструкција на неговата легитимна власт и суверенитет во северниот дел. Ова во многу случаи претставува агресија, како што е дефинирано во меѓународното право и практика. Да бидам јасна: северниот дел бил и ќе продолжи да биде составен дел на Република Косово, рече Османи. 

Таа потенцираше дека косовските институции се посветени на зајакнување на соработката и координацијата со сојузниците, особено кога станува збор за безбедносните прашања и од тој аспект Косово е целосно усогласено по политиките на Западот.  

– Ова е критично време за регионот на Европа и ја изразуваме посветеноста за изнаоѓање заеднички решенија. Косово ја поддржува Украина и ќе продолжи да ја подржува до ослободувањето на целата нејзина територија, порача Османи. 

Таа истакна дека последниот Самит на НАТО јасно ја афирмирал поддршката на политиката на отворени врати за проширување на Алијансата, нагласувајќи ја посветеноста на Косово за членство во Пактот 

– Косово и НАТО се поврзани, а НАТО ни е потребен како гарант на мирот и како заштитник на демократијата, истакна Османи, додавајќи дека долготраен мир и слобода се можни само со почитување на владеењето на правото, човековите права и демократијата. 

Столтенберг од своја страна истакна дека нападите врз силите на КФОР, како оној во мај годинава, кога беа повредени 93 војници на КФОР се „целосно неприфатливи“ и апелираше за намалување на тензиите на северот од Косово, бидејќи како што рече безбедноста на регионот е од клучна важност. 

Тој повика Косово да покаже дека е фактор кој придонесува за стабилност, истакнувајќи дека НАТО очекува да биде известен и консултиран за какви било активности на косовските безбедносни сили или косовската полиција што би можеле да влијаат на безбедносното опкружување и врз КФОР, кој како што рече ја следи состојбата за да овозможи слободно движење на припадниците на сите етнички заедници. 

– Ги поздравувам неодамнешните чекори преземени од Приштина за намалување на тензиите, вклучително и намалување на бројот на припадниците на специјалната полиција на северот и плановите за одржување на нови локални избори. Но, неопходно е да се избегне понатамошна ескалација. Затоа ги повикувам сите страни да избегнуваат подбуцнувачки реторики и да дејствуваат воздржано и во согласност со нивните обврски, рече Столтенберг. 

Тој нагласи дека Алијансата силно го подржува дијалогот меѓу Косово и Србија и ја поздрави средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти најавена за следната недела во Брисел во организација на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

– Дијалогот е единствениот начин да се решат отворените прашања и да се дојде до решение кое ги почитува правата на сите заедници. Ова бара трпение, упорност и компромис, додаде генералниот секретар на НАТО. 

Осврнувајќи се на дијалогот меѓу Белград и Приштина, Османи рече дека Косово е единствениот конструктивен партнер во овие преговорите, истакнувајќи дека Србија има „долга листа“ на неисполнети обврски преземени со усогласените планови во Брисел и Охрид. 

– Косово инсистира на целосно исполнување на сите договорени одредби. Нема ниту една одредба што е поважна од другата. Ние сме посветени на исполнување на нашиот дел од обврските, но Србија презеде и конкретни обврски, меѓу кои е да не го попречува членството на Косово во меѓународните организации, но го прекрши тоа, додаде Османи.