Гарбахоса нов претседател на ФИБА Европа

Прославениот шпански кошаркар Хорхе Гарбахоса е избран за претседател на ФИБА Европа, наследувајќи го на должноста Турчинот Тургај Демирел, кој беше на чело на европската кошаркарска федерација во два мандати од 2014 година.

Гарбахоса, кој во својата репрезентативна кариера има титули европски и светски првак, дојде на чело на ФИБА Европа од претседателското место во Кошаркарската федерација на Шпанија.

За Гарбахоса гласаа 35 од 50 делегати на првиот круг на изборното собрание на ФИБА Европа во Минхен.

„Сакам да им се заблагодарам на претседателот Демирел и на сите национални федерации. Сега е важно да работиме заедно, бидејќи заедно сме подобри. Ќе се борам и ќе работам за развој на кошарката во Европа“, изјави Гарбахоса по добивањето на четиригодишниот мандат на чело на ФИБА Европа.