Генетиката на партнерот влијае и на здравјето на личноста со која е во романтична врска!

Според резултатите од новото истражување, експертите дошле до заклучок дека на здравствените навики и исходите на поединецот може да влијае генетската структура на партнерот. Резултатите ги воодушевија самите научници, а беа објавени во списанието „Behavior Genetics“. Според ова истражување, генетските предиспозиции на вашиот партнер на крајот може да доведат до промени во вашата телесна тежина, навики, како што се пушењето или конзумирањето алкохол.

Влијанието на партнерот врз вашето здравје

Истражувачите спровеле студија за да истражат како партнерот може да влијае на здравјето на личноста со која се во врска. Целта беше да се истражи концептот на социјалниот генетски ефект, кој се однесува на влијанието на генетските фактори во опкружувањето на една личност, како што е генотипот на нејзиниот партнер, врз нејзиниот сопствен фенотип (забележливи карактеристики или особини).

– Мојот главен интерес беше да ја истражам комбинацијата на општествените науки и генетиката. Очигледно е дека однесувањето е делумно генетски определено, но повеќето од општествените науки не се занимаваат со овие биолошки факти. Ако ги комбинирате доказите од општествените науки за општественото влијание врз однесувањето меѓу партнерите со фактот дека однесувањето има генетска компонента, ќе добиете интересна импликација дека гените на вашиот партнер исто така треба да влијаат на вашето однесување – објасни Каспер Отен од Универзитетот во Утрехт  .

Тежина, пушење и консумирање алкохол

Истражувачите се фокусирале на три здравствени резултати: индекс на телесна маса (БМИ), пушење (број на цигари дневно) и консумирање алкохол (број на пијалоци неделно). Тие користеа полигенски индекси (ПГИ) за мерење на генетската предиспозиција за овие резултати. Полигенските индекси собираат многу мали генетски ефекти низ геномот за да го предвидат фенотипот на поединецот.

Ако партнерот има генетски предиспозиции за прекумерна тежина, таа личност има поголема веројатност да има повисок индекс на телесна маса (БМИ). Слично на тоа, ако нивниот партнер имал гени поврзани со зголемено консумирање алкохол или пушење, тие имале поголема веројатност да се вклучат во овие навики.

– Станува очигледно дека гените не влијаат само на поединците, туку и на луѓето околу нас. Тоа значи дека вашето однесување не е под влијание само на вашите гени, туку и на гените на луѓето околу вас. Ваквите социјални генетски ефекти се широко утврдени кај неколку животински видови, но доказите за луѓето досега се ограничени. Овие резултати ја нагласуваат важноста да се земе предвид генетското влијание на партнерите при проучувањето на здравствените навики и животната средина. Разбирањето на социјалните генетски ефекти може да има импликации за здравствените интервенции и превентивните програми, како и за идентификување на поединци кои можеби се почувствителни на влијанието на нивните партнери – заклучува Отен.