„Ги преминавте црвените линии!“ Драматичната закана од иранскиот претседател до Израел

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска изјави дека потезите на Израел „ги преминале црвените линии, што може да принуди многумина да преземат акција“.

– Вашингтон бара од нас да не правиме ништо, но тие му даваат голема поддршка на Израел. САД испратија порака до „Оската на отпорот“, но добија јасен одговор на бојното поле – изјави Раиси на социјалната платформа Икс.

Иран ја нарекува „Оската на отпорот“ мрежа на сојузнички групи и држави низ Блискиот Исток.

Освен со Хамас, претходните недели со Израел разменија оган и либанскиот Хезболах.

Конфликтот меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври кога палестинската група го нападна јужниот дел на Израел, убивајќи повеќе од 1.400 луѓе и киднапирајќи околу 230 луѓе. Израел одговори со непрестајно бомбардирање на Појасот Газа, при што загинаа повеќе од 8.000 луѓе, по што следеше копнена операција.